АлкохолизмотСписанието на Американската медицинска асоцијација (Journal of the American Medical Association) го смета алкохолизмот како «примарна, хронична болест, што ја карактеризира губење контрола над конзумирањето алкохол, страст кон алкохолoт без оглед на негативните последици и искривеност на мислењето». Алкохолизмот е болест којашто се развива полека, постепено, постојано прогресира и долго време и пациентот и неговата околина не ја забележуваат.Хронична - тоа значи дека медицината сè уште не е во состојба докрај да ја излекува оваа болест. На пример, човек кој престанал да конзумира алкохол може достоинствено и среќно да ги проживее годините што му преостанале, не разликувајќи се во ништо од другите. Но, ако по долго време посака да пие по малку, веднаш ќе се врати на оној стадиум на болеста на кој застанал пред многу години. Прогресивна - тоа значи дека со тек на времето состојбата се влошува и во определена фаза промените во организмот стануваат неповратни. Физичка - тоа значи дека неумерената долготрајна употреба на алкохол доведува до нарушување на метаболизмот и појава на болести кои настануваат поради конзумирање алкохол. Најчесто тоа е токсично уништување на црниот дроб, на нервниот и кардиоваскуларниот систем. Психичка - подразбира изменување на личноста, се губат интересирањата и стремежот кон остварување на целите. На човекот му станува важен само алкохолот. Затоа сите алкохоличари се готови поради алкохол да го жртвуваат своето здравје, кариера, мирот на своите блиски. Уривањето на волевите механизми доведува до променливост, лажливост, манипулации. Бескрајните ветувања дека ќе престанат да пијат никогаш не се исполнуваат. Социјална - поради пиење не страда смо тој што пие, туку му страда и семејството. Постојаната напнатост, неуспешните обиди алкохоличарот да се контролира,, разочарувањето, гневот и конфликтите создаваат созависност кај членовите на семејството на болниот. Болест - современите методи на испитување (неврохемиски, позитрона емисиона томографија) убедливо докажаа дека постојат разлики меѓу мозокот на зависникот и мозокот на здрав човек. Алкохолот, наркотиците, психоактивните супстанции го нарушуваат функционирањето на ендорфинскиот систем во мозокот. Лицето чувствува постојана биолошка потреба да биде во состојба на опиеност. Симптоми на алкохолизам
1. Губењето контрола над количеството конзумиран алкохол е еден од најраните и најважните симптоми. Лицето губи «рамнодушност» кон алкохолот. Чувствува лесна опиеност и во неговиот мозок се јавува потреба постојано да ја зголемува. Затоа наоѓа повод секој пријатен настан да го «интензивира» со алкохол, а напријатностите, проблемите и досадата исто така ја стимулираат желбата да пие. Троши сè повеќе време на веселби во друштво на љубители на пијачки. Настануваат тешки форми на опивање, кога човек пие толку што повеќе не е способен во пијана состојба да се контролира. Во оваа фаза доаѓа до несреќи поради возење во пијана состојба, кај лицето може да се појави агресивност, тоа станува иницијатор на тепачки, се појавуваат дупки во паметењето. Опасноста во пијана состојба да се повреди себе или да ги повреди блиските, веќе во таа рана фаза ги поттикнува некои луѓе да престанат да пијат. «Не можеш - не пиј» - вели народната мудрост. 2. Појава на психичка потреба од алкохол, појава на желба за алкохол. Пациентите во алкохолот наоѓаат заштита од своите проблеми, стравови, грижи. Под дејство на алкохолот расположението краткотрајно се подобрува, сигурноста во себе се зголемува, нервната напнатост се намалува. На лицето му е пријатно,, топло, тоа е мирно. Меѓутоа, дејството на алкохолот прилично брзо почнува да се менува. Фазата на позитивни емоции се скратува и губи интензитет. Лицето сака да «додаде» уште за да ги врати позитивните чувства што порано му ги создаваше алкохолот. Но, место тоа, сè почесто се јавува раздразливост, нетрпеливост кон околината, незадоволство. При отрезнувањето често е тажно или зајадливо, има чувство на вина, депресија, што пак го тера да користи алкохол. Почнува да му се нарушува спиењето, апетитот. Во отсуство на алкохол се појавува психичка непријатност, нервоза и сè почести мисли и желба за алкохол. По некое време тоа може да се чувствува нормално само под дејство на алкохол, а состојбата кога не конзумира алкохол му станува неподнослива. 3. Зголемување на толеранцијата, отпорноста спрема алкохол. Кога лицето пие почесто и повеќе, организмот се обидува да се приспособи и ги вклучува заштитните ферментни системи. Многумина се гордеат со тоа дека, божем, можат да испијат еден литар виски и да не се опијат, а други, по тоа, не можат да станат.. Всушност, тоа не е знак на здравје, туку показател на развојот на болеста. Растечката толеранција на алкохол измачува, го исцрпува организмот и разорното дејство на големи дози алкохол доведува до појава на болести кои настануваат поради конзумирање алкохол и апстиненцијален синдром. 4. Појава на физичка зависност Употребата на сè поголеми количества алкохол доведува до тоа лицето секое утро да има симптоми на мамурлак - нервоза, мака, окапаност, чувство на внатрешно треперење, биење на срцето. Кај случајно избрани нормални лица овие симптоми се слабо изразени и обично поминуваат во текот на денот. Кај алкохоличарот тие можат да потраат 2-3 дена и да бидат придружувани од силна желба да конзумира алкохол за да си ја олесни состојбата. Тој почнува да пие секое утро, во текот на денот или навечер, за да може да заспие. Почнува редовно да конзумира алкохол, што трае и по неколку дена. Епизодите на пијанство стануваат сè подолги, а интервалите меѓу нив сè пократки. Во оваа фаза, ако алкохоличарот си дозволи да испие една чаша пиво, значи дека ќе пие неколку дена. Му станува невозможно да се контролира. Потребата од алкохол станува како глад или жед. Во народот се вели: «Сака да пие, па пие, и не сака да пие, па пак пие». По неколку недели конзумирање алкохол, мамурлакот или кризата може да биде опасна за животот и здравјето на пациентот. Ако не се лекува, апстиненцијалната криза може да прерасне во делириум тременс или да се комплицира со епилептичен напад. Болести што настануваат поради конзумирање алкохол
Алкохолот негативно влијае врз сите органи и системи. Во зависност од генетските предиспозиции и болестите од кои порано боледувал, кај пациентот доминираат една или неколку болести од наведениот список. 1. Нервниот систем - алкохолна енцефалопатија (алкохолна деменција или Верникеов синдром, Корсаков синдром), психози, халуцинации, делириуми, алкохолна епилепсија, растројства на паметењето, амнезија, нарушување на спиењето, инсомнија, кошмари, полиневропатија, парези, парализи. Повредите на главата до кои дошло во пијана состојба го влошуваат развојот на алкохолизмот. 2. Кардиоваскуларниот систем - артериска хипертензија, стенокардија, аритмија, ризик од инфаркт или мозочен удар, алкохолна кардиомиопатија, «воловско срце» кај пивскиот алкохолизам, ризик од ненадејна смрт. 3. Црниот џигер - алкохолна стеатоза, хепатитис, цироза на црниот џигер, портална хипертензија, енцефалопатија на црниот џигер; нарушување на функциите на црниот џигер (учество во варењето и производството на фактори на згрутчување, синтеза на белтачини, витамини, намалување на детоксикационата функција на црниот џигер); појава на варикозно проширени вени на хранопроводот, хемороидни јазли; ризик од фатални крвавења; полнење течност во стомачната шуплина (ascites) до 10-12 литри. 4. Системот за варење - гастритиси, чиреви, крвавења, панкреатитиси со нарушување на функциите на панкреасот со смртност до 70%; можност за развој на шеќерна болест (дијабетес); дисбактериоза, растројства на нутритивниот статус, малапсорпција и малдигестија. 5. Другите органи и системи - нарушување на имунитетот. Склоност кон хронични инфекции, нарушување на ендокриниот статус - намалувањето на тестостеронот и зголемувањето на кортизолот го менуваат надворешниот изглед на човекот, забите се расипуваат, кожата ја губи еластичноста, поради пушење се јавуваат бронхитиси и воспаленија на белите дробови. По 10-15 години растројствата стануваат неповратни. 6. Жените-алкохоличарки кои продолжуваат да конзумираат алкохолни пијачки за време на бременоста, раѓаат т.н. плод на алкохолизам (фетусен алкохолен синдром) со груби морфолошки растројства: неправилна големина на главата и несразмерност на главата, телото и екстремитетите, предниот и задниот дел на черепот; топчести или длабоко всадени очи, широка носна коска, неразвиеност на коските на вилицата, скратување на шупливите коски. Промени на личноста
Уште Корсаков пишуваше дека алкохоличарот ги обвинува сите - жената, децата, работата, само не себеси . Прв стадиум 1-5 години конзумирање алкохол - поради хроничното токсично влијание на алкохолот врз централниот нервен систем, алкохолизмот ја изопачува личноста на човекот и внесува нови карактерни црти кои порано не му биле својствени.Овие нови црти се зацврстуваат во личноста и постепено се претвораат во цврсти стереотипи на однесување. Колку што е подолг периодот на конзумирање алкохол, толку повеќе се менува личноста на алкохоличарот. Доаѓа до заострување, грубење на карактерните црти, кои стануваат толку карактеристични за личноста што таа како да станува свое поевтино издание. Во почетниот, првиот стадиум на болеста се јавуваат црти на личноста што таа порано ги немала, на пример, зголемена раздразливост, брзо заморување, променливост на расположението, несигурност во себе, губење на поранешното интересирање за работата, семејството. Се снижуваат моралните и етичките норми што ги има секој човек. Се појавува лажливост, безобзирност, фалбаџиство. Втор стадиум 5-10 години конзумирање алкохол - најважен знак на зависност од алкохол во овој период е нагло снижување на нивото на личноста, промена на интересирањето, губење на индивидуалноста и творечката активност. Таа губи интересирање за сè што не е во врска со алкохолот. Се намалува критичноста спрема сопствените постапки, се јавува свирепост, бездушност, се снижуваат моралните критериуми. Овие промени се јасно видливи во комуникацијата со блиските. Се јавува «плиток» хумор: груб, циничен, неприличен. Доаѓа до социјална и професионална деградација, се снижува нивото на критичност - пред сè спрема себе. Болниот бара и наоѓа олеснувачки околности за тоа што се опива, ја негира зависноста од алкохол (анозогнозија). Трет стадиум 15-20 години конзумирање алкохол - во овој период особено се изразени знаци на сериозна повреда на големиот мозок - мозокот е отруен, паметењето е нарушено, мислењето станува непродуктивно, се намалува интелигенцијата и болниот ги губи сите свои човечки особини. Тој е неспособен за работа, за продуктивна комуникација, нема волја, сите интересирања се сосредоточени на алкохол. Токму третиот стадиум претставува резултат на тешкото токсично влијание на алкохолот. |